“Имаме добри клубови, треба да им дадеме важност на македонските играчи во нив”

Македонската репрезентација на Светското првенство во Полска и Шведска со победата над Јужна Кореја од 36:33 го освои 27 место на Мундијалот, што е најлош пласман досега на Мундијалите, на кои играше нашата репрезентација.

Избраниците на Кире Лазаров во групната фаза на Мундијалот беа во група со селекциите на Норвешка, Холандија и Аргентина.

Иако целта беше да се мине групата со една победа, сепак, ракометарите на Македонија од сите три репрезентации беа убедливо поразени и продолжија во Президент Купот, каде што разигруваа за пласман од 25 до 32 место.

Селекторот на Македонија, Кире Лазаров посочува дека клубовите треба повеќе да работат со македонски играчи, но исто така и тренерите, бидејќи само така ќе може да се создаде квалитетна репрезентација, но и за поголем квалитет и поголем избор на играчи активна треба да биде и Б репрезентацијата.

„Треба да постои таа Б репрезентација, која што ја формиравме ланската година, да пробуваме, да играме натпревари без разлика на резултатот, да испробуваме играчи и да дојдеме до најдобрите, најцврстите за ваков вид на натпреварувања. Имаме добри клубови, треба да им дадеме важност на македонските играчи во тие наши клубови и да ги тераме тренерите кои што работат во тие клубови покрај резултатот, да работат малку и индивидуално. Јас играв 20 години на високо ниво, можам да препознаам детали во ракометната игра и ги препознавам. Далеку сме ние, не може било кој селектор во десет дена да ги промени тие основни карактеристики на нашите играчи, кои што ги имаат. Ние имаме шест-седум играчи кои се од генерацијата 2002-2003, и ние сме најмладата репрезентација на Светското првенство во Полска и Шведска, што е одлика, гордост и тоа да го потенцираме. Ние добиваме на искуство за да се изгради нешто за одредено време, ние сме во таа насока, воопшто нема да биде лесно, не сум песимист, но воопшто нема да е лесно”, истакнува Лазаров за 24Ракомет.

Лазаров: Играчите сами се уверија – не е исто македонска лига и Светско првенство!