Лазаров: Играчите сами се уверија – не е исто македонска лига и Светско првенство!

Македонската репрезентација на Светското првенство во Полска и Шведска со победата над Јужна Кореја од 36:33 го освои 27 место на Мундијалот, што е најлош пласман досега на Мундијалите, на кои играше нашата репрезентација.

Избраниците на Кире Лазаров во групната фаза на Мундијалот беа во група со селекциите на Норвешка, Холандија и Аргентина. Иако целта беше да се мине групата со една победа, сепак, ракометарите на Македонија од сите три репрезентации беа убедливо поразени и продолжија во Президент Купот, каде што разигруваа за пласман од 25 до 32 место.

Селекторот на Македонија, Кире Лазаров смета дека новата генерација на Македонија има квалитет за подобри резултати и подобар отпор против големите репрезентации.

„Се сложувам дека можевме подобро, посебно во првите три натпревари од групната фаза каде што пробавме да направиме едно изненадување, да влеземе во втората рунда, но не успеавме. Малку лично како селектор ме болеше, бидејќи загубивме убедливо на сите три натпревари. Мислам дека имаме подобар квалитет да бидеме поблиску до тие три големи и врвни репрезентации, кои што во последните три до четири години правеа големи работи, мислам дека не е рамна таа слика за 9 до 11 гола разлика, но исто ќе беше и големо изненадување да се пласиравме во втората рунда, бидејќи мислам дека сме репрезентација во создавање и колку и јас како селектор имам верба, ентузијазам, позитива и победнички менталитет, сепак, Светско првенство си е Светско првенство и треба да одиме чекор по чекор”, изјави Лазаров за 24Ракомет.

Македонија, откако се пресели во Президент Купот одигра три, односно четири натпревари, а шанса за поголема минутажа во дуелите со Алжир, Тунис, Мароко и Јужна Кореја имаа помладите играчи. Македонскиот стратег смета дека младите играчи со искуството кое го стекнаа на Мундијалот ќе имаат квалитет плус и побрзо ќе напредуваат во кариерата.

„Во Президент Купот покажавме каде што шанса им дадовме на помладите играчи за да стекнат искуство, покажавме дека можеме, игравме квалитетен ракомет, изгубивме од Тунис, бевме многу блиски, но Тунис е една квалитетна репрезентација, со квалитетни ракометари и има голем ростер, имавме шанси, треба да размислуваме позитивно, секако, ќе анализираме каде погрешивме. Самиот притисок играчите едноставно не го издржаа. Ние сакавме да направиме едно изненадување, во трите натпревари од групната фаза се враќавме од негатива, меѓутоа трошевме многу енергија и кога видовме дека не можеме да направиме комплетен пресврт, едноставно го пуштавме натпреварот да тече, што ниту мене ниту на јавноста не и се допаѓаше. Треба да играме до крај, не е срамота да се изгуби од една Норвешка, Холандија, ниту пак од Аргентина, која на минатото Светско првенство ја победи една Хрватска со Дувњак, Циндриќ, Карачиќ…не е срамота, дека можевме подобро, можевме и моравме. Добро е што одиграмве во овој Президент Куп, за оваа млада репрезентација ни дојде добро, седум натпревари во 11 дена, тоа е едно големо искуство и самите клубови кај што играат играчите ќе профитираат од тоа и ќе бидат доста позрели, брзо ќе растат како играчи”, додаде Лазаров за 24Ракомет.

Селекторот верува во подобри резултати во иднина, истакнувајќи дека целта е да се оди чекор по чекор.

„Јас кога ја презедов селекторската палка се фатив за многу тешка работа и донесов храбра одлука, затоа што цела јавност шпекулираше и беше сигурна дека после генерацијата моја на Миркуловски, Стоилов…дека ќе се случи потоп и дека ќе не нема на големите натпреварувања. Ние бевме во Унгарија, бевме во Полска и ние ќе одиме во Германија. Тоа беше и основната цел, јас како предводник сум победник и ќе останам таков и ќе го докажам тоа, меѓутоа од друга страна увидовме сите заедно дека реалната ситуација е ваква каква што е, можевме подобро, но многу треба да работиме, посебно во клубовите. 90% од играчите се од македонско првенство, не е исто македонска лига и Светско првенство, самите играчи се уверија, едно е да кажуваме, а друго е да почуствуваме. Ние тоа го почуствувавме, не викам дека сме предалеку, но не сме ни блиску, секако, треба многу да работиме, бидејќи, кој и да се нафати на оваа работа ќе има многу работа и тешка работа и јас тоа го знам, но меѓутоа кога сум се нафатил, ќе гледам да се подобруваме чекор по чекор”, вели Лазаров за 24Ракомет.

Поранешниот репрезентативец на Македонија посочува дека клубовите треба повеќе да работат со македонски играчи, но исто така и тренерите, бидејќи само така ќе може да се создаде квалитетна репрезентација, но и за поголем квалитет и поголем избор на играчи активна треба да биде и Б репрезентацијата.

„Треба да постои таа Б репрезентација, која што ја формиравме ланската година, да пробуваме, да играме натпревари без разлика на резултатот, да испробуваме играчи и да дојдеме до најдобрите, најцврстите за ваков вид на натпреварувања. Имаме добри клубови, треба да им дадеме важност на македонските играчи во тие наши клубови и да ги тераме тренерите кои што работат во тие клубови покрај резултатот, да работат малку и индивидуално. Јас играв 20 години на високо ниво, можам да препознаам детали во ракометната игра и ги препознавам. Далеку сме ние, не може било кој селектор во десет дена да ги промени тие основни карактеристики на нашите играчи, кои што ги имаат. Ние имаме шест-седум играчи кои се од генерацијата 2002-2003, и ние сме најмладата репрезентација на Светското првенство во Полска и Шведска, што е одлика, гордост и тоа да го потенцираме. Ние добиваме на искуство за да се изгради нешто за одредено време, ние сме во таа насока, воопшто нема да биде лесно, не сум песимист, но воопшто нема да е лесно”, истакнува Лазаров за 24Ракомет.

Поради слабиот настап на македонската репрезентација на Светското првенство, социјалните мрежи беа преплавени со негативни коментари за ракометарите.

„Јас мислам дека на моите играчи многу им сметаа коментарите и се бориме заедно со нашиот стручен штаб и психологот, меѓутоа тешко оди работата, нови генерации се и јас пробувам да им кажам дека како играч имавме многу успеси и неуспеси и дури дупло имаше полоши коментари, но никогаш не се откажував, не треба да се откажеме, секој има демократско право да коментира, мисли, и ние тоа го прифаќаме. Само да има мерка и да не се претерува”, заврши Лазаров за 24Ракомет.

Следен предизвик за Македонија ќе бидат натпреварите во март против репрезентацијата на Португалија, во рамки од квалификациите за настап на Европското првенство во Германија.