Изненадни допинг тестови за Романките пред ЕП!

Репрезентацијата на Романија, која е еден од ривалите на Македонија на Европското првенство во ноември, за континенталниот собир, моментално се подготвува во Унгарија каде што против домашната селекција ќе одигра неколку контролни натпревари.

На дел од избраничките на Флорентин Пера, при нивниот престој во Унгарија им биле направени допинг тестирања, откако нивната сонародничка, поранешната број 1 на светската ранг-листа во тенис, Симона Халеп на 21 октомври беше позитивна на допинг тест, пренесува романскиот портал „ГСП“.

Претставници на романското Министерство за спорт и локалната антидопинг служба од Романија се упатиле за Унгарија и направиле допинг тестови во таборот на Флорентин Пера. Тестирани биле 12 репрезентативки и сите направени тестови биле негативни.

Романија освен со Македонија ќе игра и со репрезентациите на Холандија и Франција во рамки од групата Ц. Најдобрите три репрезентации ќе обезбедат пласман во следната фаза од Европското првенство.