Избриша пет стандардни првотимци, но врати еден ветеран во националниот тим

Новиот селектор на машката сениорска репрезентација на Словачка, Фернандо Гурих го објави списокот на играчи за претстојните квалификациски натпревари за пласман на Европското првенство 2024 во Германија.

На списокот партиципираат 20 ракометари, а по еднонеделните подготовки Гурих ќе одлучи со кој состав ќе настапи во натпреварите против Норвешка и Србија.

Шпанскиот тренер во репрезентацијата го врати искусниот Мартин Страновски, кој извесен период немаше добиено повик од претходникот на Гурих, Петар Кукучка, со што го пропушти Европското првенство 2022, на кое Словачка беше домаќин.

Гурих од списокот изостави и неколку искусни ракометари како што се Томаш Урбан, Мартин Сланинка, Оливер Рабек, Лукаш Урбан, Игор Чуприна, потоа Патрик Хрушчак, Мартин Бриатка…место меѓу 20-те повикани играчи немаше ниту за помладите Доминик Калафут и Мартин Потиск.

„Составувањето на списокот беше доста тежок, бидејќи немав доволно време да разговарам со сите играчи и во исто време ми беше тешко да ги следам сите натпревари на дел од играчите. Некои ги завршија своите репрезентативни кариери, други се повредени или заработија повреда пред извесен период, па моравме списокот да го составиме најдобро што можевме. Ако сакаме да изградиме тим во рок од три до четири години, треба да им дадеме можност на младите играчи да стекнат меѓународно искуство. Тоа значи дека треба да одиграат што повеќе дуели на меѓународно ниво“, изјави селекторот на Словачка, Фернандо Гурих.

Словачка за пласман на ЕП 2024 освен со Норвешка и Србија ќе се бори и со репрезентацијата на Финска. Избраниците на Гурих на 13 октомври ќе играат против Норвешка во Ларвик, додека три дена подоцна, односно на 16 октомври во Прешов ќе ја пречекаат репрезентацијата на Србија.