За „РФМ мафија“ казна од 90.000 денари

Истата комисија која го исклучи доживотно Марјан Начевски од РФМ, и потоа чија одлука падна пред Арбитражниот Суд на ЕХФ, сега носи нови казни, само за да го сопре незадоволството на трибините од однесувањето на федерацијата. Казната е повисока од онаа кога навивачи се тепаа на трибините, фрлаа факли на теренот, и се однесува единствено за викање на публиката.

РФМ го казни Еурофарм Пелистер со 90.000 денари за мечот од 2. коло од плејофот меѓу Еурофарм Пелистер и Алкалоид кој заврши со триумф на битолчани од 27-25. Одлуката е донесена на 3 март за натпреварот одигран на 19 февруари.
„На РК Еурофарм Пелистер, му се изрекува парична казна од 90.000,00 денари, согласно Член 20 од Правилник за организација и спроведување на ракометни натпревари и Член 106 од Дисциплинскиот Правилник на РФМ“, се вели во образложението објавено во билтенот кој дури денеска е објавен.

Нема детално објаснување за казната, бидејќи на истиот меч немаше прекини, фрлање предмети, проблеми меѓу навивачите на трибините, па единственото логично објаснување е што гледачите на битолчани, на тој меч со Алкалоид во Битола извикувале „РФМ Мафија“, незадоволни од некои судиски одлуки, и плус имало истакнато пароли на трибините.

Извори блиску до РФМ ни потврдија дека како причина за покренувањето на дисциплинската постапка бил наведен записникот од мечот каде делегатот ги завел забелешките. Но, од Битола очевидци тврдат дека после натпреварот вработени лица од РФМ кои биле на трибините и го следеле мечот се симнале во службените простории и барале од делегатот да стави забелешка во записникот за ваквото скандирање на навивачите и за истакнатите пароли.

Додека Комисијата одлучува за казната РФМ се уште се нема јавно изјаснето и за информацијата дали претседателот на Натпреварувачката комисија е истото лице за кое пред две недели од МВР стигна информација дека е приведено при претрес во скопски локал и била пронајдена „бела прашкаста материја“. Во меѓувреме беше сменета Натпреварувачката комисија, која сега има нови членови.

РФМ лани им изрече казни на Вардар и на Еурфарм Пелистер за организацијата на нивните домашни натпревари од дербито на сезоната која добија по 60.000 денари каде имаше и нереди на трибините, фрлање предмети, па за Купот кога двете навивачки групи исто така имаа свои „пет минути“ на трибините, па се фрлаа и факели.