За пријателски натпревари во Германија со тестови за корона до максимум седум дена

Неизвесноста со која се соочуваат клубовите кои се подготвуваат за новата сезона полека се разрешува, но засега први кои одлучија колку дена се потребни од негативниот тест за одигрување пријателски натпревар се Германците.

И додека за  официјални натпревари веќе има протокол и треба да се направи тест 72 часа пред натпревар, за пријателските е поинаку. Според она што го објавуваат Германците клубовите кои ќе сакаат да играат контролни натпревари ќе треба да направат тест кој ќе биде негативен најмногу седум дена пред одигрување на средбата. Тоа ќе остави простор веројатно за два натпревари со еден тест.

„Ризикот мора да се задржи на ниско ниво. Тоа е главниот приоритет кој го имаме сите тимови. Не сакаме да ги загрозиме нашите ракометари и вработените во никакви околности и да овозможиме сè што е потребно за да може лигата да стартува како што е планирано на почетокот на октомври“, вели директорот на Флензбург, Дирк Шмешке.

Ова се и понатаму тешки времиња, па затоа клубовите се во многу неизвесна ситуација во која не можат да бидат на сигурно колкупати ќе треба да направат тест во текот на една сезона.