За крај на сезоната 11 погодоци и црвен картон

Екипата на Коњалти за која настапува и репрезентативката на Македонија, Моника Јанеска во последното коло од шампионатот на Турција доживеа пораз од Јенимале со 35:31.

Коњалти беше подобар противник во првиот дел и успеа на полувреме да замине со предност од 18:16, но гостинската екипа ја покажа својата моќ во второто полувреме и успешно ги запиша последните бодови.

Јанеска повторно блескаше на теренот и како предводник на нејзината екипа постигна 11 гола. Македонката не го одигра целиот натпревар бидејќи поради три исклучувања заработи црвен картон, па поради тоа мораше да се пресели на трибините.

Коњалти оваа сезона во турскиот шампионат заврши на 8. позиција на табелата со 22 освоени бода, а за пласман меѓу најдобрите пет екипи и излез на европска сцена недостасуваа шест бодови.