За да останат во форма: Судиите добија од ИХФ програма за работа и исхрана

Кога не работат спортските објекти и нема можност активно да се одржува формата спортистите се снаоѓаат и вежбаат во домашни услови, се разбира колку се може. Речиси сите сериозни клубови им доставиле програма на своите играчи и бараат да се придржуваат до истата. Но, освен ракометарите и ракометарките, во овој период поради ширењето на коронавирусот, не се активни ниту судиите. А и тие треба да бидат во форма за да издржат 60 минути трчање на еден натпревар.

Сепак дел од нашите меѓународни судии, се активни во домашни услови и се обидуваат да ја задржат формата во моментите кога не е јасно дали ќе продолжи сезоната на домашен или меѓународен план.

„Јас сум надвор од градот. Од ИХФ имаме добиено програма за работа од кондицискиот тренер и совети за исхрана од нутриционистот. Тоа се вежби за работа во домашни услови. Сепак, факт е дека ќе биде потребно и кондициски дел. Со оглед на тоа што во моментов сум надвор од градот ќе имам можност за трчање во планински услови, па ќе го искористам овој момент од утре на чист воздух да можам и да трчам за подготвен да го дочекам продолжението од сезоната“, вели судијата Ѓорѓи Начевски.

Арбитрите добиле програма од Светската ракометна федерација за вежби во домашни услови.

„Имаме програма за работа од ИХФ, но тоа се само вежби за во домашни услови. Тешко е во вакви моменти кога сме и во неизвесност, но мораме да се одржуваме во форма. Во исчекување сме за решавање на целата ситуација за да можеме да се вратиме на нормално извршување на задачите“, коментира судијата Славе Николов.

Како и сите граѓани, така и судиите ги следат препораките од властите и препорачуваат истото да го прават сите.

„Сега засега секој од нас тренира самостојно. Како спортистите, така и ние. Се придржуваме кон препораките и вас ви препорачуваме да седите дома“, изјави за 24Ракомет Димитар Митревски, кој суди заедно со Благојче Тодоровски.

Ненад Николовски и Исмаил Металари требаше да делат правда во Купот на ЕХФ, но тој натпревар е одложен.

„Ние имавме добиено натпревар во Купот на ЕХФ. Требаше да судиме во Германија, но ширењето на Корона вирусот не спречи. Сега сме во ситуација кога мораме да работиме во домашни услови. Се излага единствено за на работа, се трудиме да има колку може помалку движење. Очекуваме позитивни вести и се надеваме дека наскоро ќе биде подобро“, коментира за 24 Ракомет, Исмаил Металари.

И другите се обидуваат да најдат начин да ја одржуваат формата, најчесто со планинарење или друг вид активност каде нема многу луѓе околу нив, со цел да се заштитат од можното ширење на вирусот.