Засилувањето на КЛ 7 во двојна улога – Илиев ќе биде играч и помошен тренер (ФОТО)

Засилувањето на екипата на ГА КЛ 7, Ивица Илиев ќе има двојна улога во екипата која во новата сезона ќе се натпреварува во Првата машка лига.

Илиев добива улога на играч и на помошен тренер така што ќе може да и помогне на екипата и во делот на тренинзите бидејќи тој ќе му биде помошник на Никола Матлиески така што полека ќе стартува и со својата тренерска кариера.

„Ентузијазмот на луѓето во клубот, амбициите кои ги има екиапта во следните години и политиката на развој на младите играчи и млади тренерски кадри беа доволна причина за мене како искусен играч, да се одлучам да пристапам кон овој тим. Матлиески како тренер и човек исклучително го ценам, со постоечкиот играчки кадар и со тоа  што се планира како надградба очекувам клубот експресно да се врати во Супер лигата. Верувам дека ќе пренесам дел од моето искуство на младите играчи во клубот, а од друга страна ќе имам што да научам од првиот тренер на кој ќе му помагам во работата“, вели Илиев.

За Ивица Илиев е добро познато дека во последните неколку сезони е редовно меѓу најефикасните стрелци во Супер лигата. Годинава заврши на 2. место зад Ончев така што потврди дека може да игра уште на врвно ниво.

Несомнено ќе биде така и на теренот сега во Првата лига кога тимот на ГА КЛ 7 ќе има задача да се обиде да дојде до враќање во Супер машката лига.

ГА КЛ7 добива на искуство – доаѓа вториот стрелец на лигата Ивица Илиев