ГА КЛ7 добива на искуство – доаѓа вториот стрелец на лигата Ивица Илиев

Најдобриот стрелец од пред две сезони во суперлигашкото друштво, Ивица Илиев, по седум сезони минати во Радовиш, од летово ќе има нов предизвик во кариерата.  Организаторот на играта е нов член на тимот на ГА КЛ7, кој ќе се натпреварува во прволигашката конкуренција. Со неговото доаѓање тимот треба да добие ем на искуство, ем на подобар шутерски и реализаторски процент и секако побрзо враќање во суперлиагата. Сезонава Илиев беше втор стрелец во лигата.

Покрај за матичниот клуб Борец и за Радовиш, средниот бек Илиев беше дел и од екипата на Овче Поле од Свети Николе. Станува збор за искусен организатор на играта и одличен пеналџија, кој сезонава даде 182 погодоци.

Голден Арт КЛ7 до последното коло беше во игра за опстанок во Суперлигата, но не успеа да остане во елитата. Од составот што играше минатата сезона си заминаа Андреј Петковски и Игор Ѓорѓиев, како и тренерот Игор Котевски.

Две од трите позиции се веќе решени. Новиот тренер Никола Матлиески треба да продолжи со работата на создавање на нови кадри, и секако што побрзо да се врати меѓу најдобрите. Илиев го надополнува местото на среден бек, па останува уште голманската позиција со што би се пополните испразнетите места.

Но, веројатно е дека ГА КЛ7 ќе сака да има уште посилен тим и ќе ангажира уште некој млад ракометар што треба да созрее и прерасне со стандарден првотимец. Со најавените засилувања тимот од Скопје што уште пред стартот на сезоната ќе може да биде прогласен за фаворит за место во суперлигашката конкуренција.