Загреб супериорно започна во СЕХА лигата, го надигра Татран Прешов

Ракометарите на Загреб имаа успешен старт во новата сезона од СЕХА лигата и во првото коло од групата А славеа лесна и убедлива победа против екипата на Татран Прешов со 36:26.

Иван Чупиќ го отвори мечот со два гола за почетна предност на домашниот тим, а до 15. минута најчесто Загреб имаше два позитива. Во 17. минута избраниците на Обрван стигна до највисокото водство со головите на Шипиќ и Чупиќ од седмерец.

Голманот на Загреб, Дино Славиќ бранеше одлично во првиот дел и со седум интервенции беше голема поддршка на своите соиграчи во создавањето на предноста. На полувреме Загреб веќе имаше солидно водство од 17:11.

Сите шанси за позитивен резултат Татран Прешов ги загуби по само две минути игра во вториот дел. Загреб направи серија од 3:0 за две минути и стигна до највисоките осум гола позитива за првпат. Домаќините играа сигурно, а во 51. минута поведоа со двоцифрена разлика 30:20 и го решија победникот на дуелот.

Најефикасен во составот на Загреб беше Давор Чавар кој беше перфектен без промашување со осум гола. Чупиќ, Срна и Шипиќ постигнаа по четири гола. За Татран Прешов најефикасен беше Оливер Рабек со десет гола, но дури од 21 удар кон противничкиот гол.