Загреб ги промовираше петте нови засилувања, Вори има избалансиран тим

Во пресрет на наредната сезона во екипата на Загреб се случија многу промени во  ростерот, а исто така и на тренерската позиција каде што сега на местото на Веселин Вујовиќ е Игор Вори.

Хрватскиот шампион има обезбедено место во групната фаза од Лигата на шампоните и во согласност со очекуваните предизвици го подготвува тимот. Во клубот пристигнаа пет квалитетни играчи кои сигурно ќе бидат големи засилувања за екипата.

Овој преоден рок беше многу успешен за Загреб и слободно можеме да кажеме најдобро одработен во последните неколку години. Нови играчи во тимот се српскиот голман Тодор Јандриќ кој дојде од Металопластика, Владо Матановиќ десно крило кој минатата сезона беше дел од Горење.

Словенецот Жига Млакар со наполнети 30 години ќе биде најстариот играч во Загреб, а дојде од Висла Плоцк. На пикерската позиција ново име е Сенјамин Буриќ, репрезентативецот на БиХ кој после една сезона во Франција се враќа во Загреб. Некогашниот играч на Металург, Немања Обрадовиќ е петото засилување, тој имаше проблеми со повреда, но сега е здрав и подготвен да се врати во старата форма. Обрадовиќ доаѓа од Мешков Брест.

Новодојдените засилувања заедно со играчите кои се од претходно во тимот формираат одлично избалансиран тим на сите позиции и во наредната сезона се очекува да бидат многу тежок ривал за секој противник.