Завршниот турнир во Лигата на шампионите ќе се игра пред навивачи

Европската ракометна федерација планира да ги отвори за навивачи големите настани кои треба да се одржат во декември. Од 3 до 20 декември ќе се игра женското Европско првенство во Данска и Норвешка, а на 28 и 29 декември завршниот турнир од Лигата на шампионите за мажи во Келн.

Данската федерација има големо влијание во оваа одлука на ЕХФ бидејќи најавија дека доколку нема публика не сакаат организација на првенството. Исто така и тренерите на екипите учесници на фајнал форот во Келн коментираа дека турнирот нема поента доколку се игра пред празни трибини.

„Сега е актуелна пандемијата, но ние веруваме дека завршниот турнир во Келн и Европското првенство за жени во Данска и Норвешка може да се организираат со навивачи. Засега не знаеме дали ќе биде со полн или ограничен капацитет на гледачи. Особено во Данска пандемијата создаде многу проблеми, сè уште не можат да ги пуштат билетите во продажба“, рече маркетинг директорот на ЕХФ, Давид Слезак.

На завршниот турнир во Келн ќе настапат екипите на Веспрем, ПСЖ, Барселона и Кил.