Ако нема публика, Данска не сака ЕП во декември

Женското Европско првенство треба да се одржи од 3 до 20 декември во Норвешка и во Данска, но се појавуваат одредени проблеми бидејќи една од земјите организатори веќе размислува за повлекувње доколку биде побарано да нема публика на натпреварите.

Првиот човек на ракометот во Данска, Пер Бертелсен веќе објави дека се во неизвеност што ќе се случува бидејќи ако нема публика ќе нема ниту приходи и ова ќе создаде проблеми за организацијата.

„Единствениот начин за да дојдеме до приход за време на Европското првенство е продажбата на билети за натпреварите кои ќе се играат во Данска. Другите права и приходи од маркетинг одат во ЕХФ, а ние добиваме само мал дел. Ако играме без гледачи тогаш ќе останеме без околу 18 милиони круни (2.400.000 евра). Не можам да кажам што ќе направи Данска точно, но јасно е дека нема смисол да одржуваме првенство и да инвестираме без притоа да добиеме нешто за возврат“, вели Бертелсон.

Ситуацијата со корона вирусот зададе големи проблеми и поради тоа многу натпревари беа одложени. Следниот месец треба да има средба на која претставници на ЕХФ ќе разговараат со земјите домачини за да ги утврдат условите под кои би се одржал шампионатот. За префрлање за 2021 година нема да стане збор бидејќи календарот е презафатен и не постои можност тогаш да се играат натпревари.