Жилавиот состав на Монпелје немаше шанси против Алборг во Данска

Ракометарите на Алборг на свој терен беа подобри од француски Монпелје со 36:28 во рамките од второто коло во Лигата на шампионите. Монпелје на овој натпревар настапи без неколку главни ракометари кои го пропуштија гостувањето во Данска поради повреда.

Гостинската екипа од Франција имаше водство од 2:0 во првите минути, но Алборг возрати со серија од 3:0 за негово прво водство, 3:2, по пет минути игра. Расположен за игра беше Лукас Сандел, кој речиси сите упатени удари кон противничката мрежа ги претвораше во погодок.

Со својот трет гол, Кристијан Бјорнсен го донесе највисокото водство на својата екипа, 11:7, а неколку секунди подоцна, Јул-Ласен беше прецизен за 12:7. Жилавиот состав на Монпелје немаше решение за подобриот противник во првиот дел и мораше на пауза да замине со негатива од минус пет, 13:18.

Во вториот дел, Монпелје преку Лене, кој постигна три гола во низа, намали на само еден гол негатива, 19:20, и веќе водството на домаќинот беше под закана.

Во последните петнаесетина минути одбраната на Алборг беше главен проблем за ракометарите на Монпелје. Солидното водство од три до четири гола повторно беше на страната на Алборг и до самиот крај разликата полека се зголемуваше.

Најефикасен на натпреварот беше ракометарот од Алборг, Лукас Сандел со 11 постигнати гола. Во составот на Монпелје, Килијан Вијмино беше прв стрелец со шест гола.