Жерар удри по ЕХФ и ИХФ: Немате никаков респект кон ракометарите!

Во новата 2021 година, ракометарите и ракометарките ги чекаат многу предизвици. Одложени, па презакажани натпревари, квалификации за ЕП, СП и ОИ, па ЕП, СП и ОИ, натпревари од домашните шампионати, региоаналните лиги и европските купови…

По Ф4 во Келн, ракометарите се приклучија кон своите национални селекции и веќе почнаа подготовките за СП или за квалификациите за ЕП. Но, тие пак го кренаа гласот кон ЕХФ и ИХФ за да се редуцира бројот на натпреварите, иако знаат и самите дека тоа тешко ќе се случи. Голманот на ПСЖ во интервју за француската федерација ги „прозва“ европската и светската куќа на ракометот.

„ЕХФ и ИХФ ја игнорираа нашата кампања – НЕ СИ ИГРАЈТЕ СО ИГРАЧИТЕ, што ја почнавме пред две години. Немаат никаков респект за здравјето на играчите и нивната физичка подготовка. Прво треба да играме квалификации за ЕП, а потоа СП. Ќе следат голем број средби од ЛШ во февруари. Вкупно ќе имаме повеќе од 20 натпревари за два месеци, плус патување…Ние се подготвуваме за овие дуели и ќе ги играме со задоволството, но сигурно ќе се случат голем број повреди“, вели Жерар.

Одамна стои на маса барањето Мундијалите да се играат на четири години, како во фудбалот, кошарката и одбојката, но ИХФ нема слух за барањата на играчите.