Женскиот е откажан, што ќе биде со машкиот фајнал фор во Лигата на шампионите?

Извршниот Комитет на Европската ракометна федерација донесе одлука да го одложи завршниот турнир во женската Лига на шампиони, што беше закажан од 3 до 6 септември во „Ласло Пап Арена“ во Будимпешта.

Машкиот Ф4 е закажан за 28 и 29 декември во „Ланксес Арена“ во Келн, засега делува безбедно, но како што се движат работите низ европските земји со коронавирусот, нема да биде чудо, ако ЕХФ се реши да го одложи и овој настан доколку не може да биде присутна публика.

„Ова не е прашање на држава и не зависи само од ситуацијата во Унгарија, бидејќи гледачите и екипите доаѓаат од други делови на Европа. Ова не е унгарски настан, туку европски“, изјави претседателот на ЕХФ, Михаел Видерер за унгарскиот М1.

Тоа значи дека нема да има европски шампион во женска конкуренција за оваа сезона, а кај мажите Вардар ќе продолжи да владее најмалку до декември, а можеби и до следната година.

„Никој не сака финансиски неисплатливи настани и никој не сака да има негативните последици од спортски настан каде што го ризикуваме здравјето на луѓето. Наша е одговорноста да носиме тешки одлуки. Сега чувствуваме дека нема гаранција дека може да се организира врвен настан во септември, со публика, а во исто време и економски да биде исплатлив“, изјави Видерер.

Одлуката дали ќе се игра Ф4 во Келн, ќе биде донесена не подоцна од крајот на месец октомври.