ЕХФ ќе биде на мака – уште три екипи се откажаа од играње во европските купови

Европската ракометна федерација ќе има голем проблем да обезбеди доволен број на учесници во Лигата на Европа и Купот на ЕХФ.

Голем број на тимови ширум Европа веќе го откажаа своето учество, како во Лигата на Европа, така и во ЕХФ Купот, а последни во низата се трите екипи од Луксембург – Диферданж, Дуделанж и Дикирх.

Поради финансиските проблеми предизвикани од пандемијата со коронавирусот овие три клуба нема да се пријават за да играат во ЕХФ Купот, па единствен претставник на Луксембург ќе биде тимот на ЕШ во Лигата на Европа.

Претходно хрватските Пореч и Дубрава најавија дека нема да играат во Лигата на Европа, исто така и словенечката РИКО Рибница, а ниту женските клубови од Данска како Копенхаген, Архус и Рандерс не се пријавија за учество, иако имаа право.

На состанокот на Извршниот Комитет на ЕХФ, беше донесена одлука да им се дозволи на државите со рејтинг понизок од 19 место, да пријават уште по една екипа во Европа (за Лига на Европа и ЕХФ Купот) за да може да има доволен број на екипи учесници во овие две европски натпреварувања.