ЕХФ шампионат младинци: Британците приредија сензација, јужниот сосед ќе игра во полуфинале!

Денеска на ЕХФ шампионатот за младинци што се одржува во градот Варна, во источниот сосед на Македонија, беа одиграни четири меча.

Изненадување во 4. коло од ЕХФ шампионатот направи репрезентацијата на Велика Британија. Во натпревар против Литванија, ракометарите на Велика Британија одиграа одлично во сите 60 минути и ја обезбедија првата победа во Варна, триумфираа со 31:24 (18:13).

Во споменатата група, Грција славеше против Израел, 27:19 (14:7) и обезбеди место во полуфиналето на ЕХФ шампионатот.

Во групата Б, каде што игра и Македонија, Швајцарија без проблеми го мина Косово, славеше со убедливи 39:16. Победникот веќе беше познат по првото полувреме, кое заврши со резултат 19:9 за Швајцарија.

Со новите бодови, Швајцарија обезбеди место во полуфиналето на ЕХФ шампионатот, додека репрезентациите на Романија и Македонија, кои денес го одиграа меѓусебниот дуел, кој заврши со убедлива победа на Романија од 31:21 (15:11), се репрезентации кои останаа во игра за второто место во рамки од групата Б.

ЕХФ шампионат, младинци, 4 коло:

група А

Литванија – Велика Британија 24:31 (13:18)

Грција – Израел 27:19 (14:7)

група Б

Романија – Македонија 31:21 (15:11)

Швајцарија- Косово 39:16 (19:9)