ЕХФ се прашува: Ќе ги однесе ли Лазаров Македонците до слава како тренер-играч?

Европската ракометна федерација ги претставува учесниците на претстојниот континентален шампионат, а на ред дојде и Македонија.

Нашата селекција по седми пат ќе игра на ЕП, а шести по ред, откако се започна на ЕП 1998 во Италија.

Најголемиот успех е петтото место на континенталниот собир во 2012 кога практично игравме како на домашен терен во Ниш и Белград.

„Македонија има силна ракометна традиција со тоа што целата земја максимално го сака овој спорт. Доаѓаат во своето шесто последователенно Европско со посебна приказна: легендарниот играч Кирил Лазаров, кој сè уште е важен дел од тимот на Нант и во репрезентацијата како десен бек, ќе биде тренер-играч. Иако имаа слаби перформанси на Светското првенство 2021 година, завршувајќи на 23-то место без победа, Македонија сè уште има доверба дека може да има успешно ЕП. Со Лазаров, линискиот играч Стојанче Стоилов и голманското дуо Мартин Томовски и Никола Митревски меѓу другите, може да бидат тврд орев. Лазаров има јасна визија за својот тим и за стилот на игра. На младите играчи ќе им се даде шанса да се докажат, но Македонија може да смета на искусни старешини во клучните моменти. Оваа комбинација може да се покаже корисна, бидејќи Македонија сака да го остави зад себе разочарувањето од 2020, кога за прв пат на едно ЕП не успеаа да одат во следна рунда. Лазаров ја презеде репрезентацијата во февруари 2021 година од Данило Брестовац за време на второто квалификациското за ЕП 2022. Тој ги предводеше своите соиграчи до извонредна победа над Данска, а покрај него како помошник тренер беше искусниот централен бек Филип Миркуловски. И двајцата постигнаа голови за својата земја во квалификациите, а веројатно тоа ќе го сторат повторно на завршниот турнир“, пишува ЕХФ.

Медиа тимот на европската куќа на ракометот вели дека на ова ЕП може да блеснат Мишевски и Костески.

„Подмладениот тим ќе има тешка задача во Дебрецин да се пласира во главната рунда против фаворитот за медал Данска, самоуверената Словенија и Црна Гора. Сепак, Лазаров сигурно ќе им даде можност на своите млади играчи да покажат дека вредат. Внимавајте особено на Марко Мишевски и Ненад Костески“.

На сите досегашни настапи на ЕП, Македонија има одиграно вкупно 34 меча, на кои има осум победи, шест нерешени исходи и 20 порази. Како ќе биде во Дебрецин, ќе видиме за многу време на дуелите против Данска, Словенија и Црна Гора.