ЕХФ и нуди на Македонија да игра на ЕП во ракомет на плажа

Европската ракометна федерација и понуди на Македонија директно место на претстојното Европско првенство во ракомет на плажа.

По откажувањето на селекцијата на Турција од ЕП во женска конкуренција, како и одбиените покани од Чешка и Швајцарија, следна на ранкингот е Македонија, па РФМ доби покана од ЕХФ на која треба да одговори во краток временски рок.

Доколку биде прифатена поканата ова ќе биде камбек на големите натпреварувања по четири години.

Турција беше дел од групата Б, па ако Македонија се најде на ЕП во португалскиот град Назаре од 24 до 28 мај, ќе игра со селекциите на Холандија, Украина и домаќинот Португалија.

Македонија своевремено имаше и машка и женска репрезентација во ракомет на плажа, играше на ЕП и на СП, беше во конуренција за висок пласман, а последниот обид за успешно враќање во овој спорт не беше баш успешен.

Во 2019 игравме на ЕП во Катовице, во двете конкуренции, но немавме забележителен настап и амбиициите одново спласнаа. Претходно бевме дел од ЕП 2011, во Умаг каде што мажите го освоија последното место, а девојките беа на 10. позиција.