Еурофарм Пелистер 2 добива на искуство – доаѓаат Трајкоски и Ѓукиќ!

Тимот на Еурофарм Пелистер 2 во следната сезона ќе биде спој на младост и искуство, ако се суди по првите две засилувања. Станува збор за голманот Благојче Трајкоски и десното крило Милан Ѓукиќ, кои досега настапуваа за првиот тим од Битола.

Трајкоски е искусен голман, кое во својата биографија има и настап на Светско првенство, а потекнува од Прилеп. Во кариерата беше член на Куманово, МРК Вардар, Радовиш и Охрид.

Со Еурофарм Пелистер настапуваше во Лигата на шампионите, Лигата на Европа, ЕХФ Купот, Челинџ Купот и СЕХА лигата.

Српскиот интернационалец Милан Ѓукиќ, кој веќе три години е во Битола, исто така ќе игра во тимот на Александар Јовиќ. На таа позиција во вториот битолски тим минатата сезона настапуваа Никола Стоилевски и Димитрија Блажевски.

Еурофарм Пелистер 2 оваа сезона играше во плеј-офот и беше тврд орев за сите екипи, а следната сезона во уште посилна конкуренција ќе се обиде да го повтори истиот успех.