Еурофарм Пелистер преку Бутел до двобоj со Вардар за Куп трофеj

Ракометарите на Еурофарм Пелистер одиграа добар натпревар во полуфиналето од Купот на Македонија и лесно го совладаа тимот на Бутел Скопје со 25:21 и обезбедија нов дуел со Вардар во финалето.

Почетното водство го имаше Еурофарм Пелистер, поведоа со 4:1 и 7:4 со што најавија дека се максимално подготвени за натпреварот. На стартот се играше доста брзо а подобро се снаоѓаа ракометарите на Жељко Бабиќ. До крајот на првото полувреме тимот од Битола целосно доминираше на теренот и постојано го зголемуваше водството. На паузата имаа седум позитива, 16:9.

Бутел Скопје имаше добар старт на второто полувреме, со серија од 6:2 избраниците на Грчевски успеаја да намалат на минус четири. На средината на вторите 30 минути Мајиќ погоди од контра за 21:18 и навести дека Бутел нема лесно да се предаде.

Сепак Еурофарм Пелистер не дозволи противникот целосно да се врати во игра и рутински го одржуваше најчестото водство од четири гола. До крај одигра колку што беше потребно да стигнат до победата што им овозможува борба за трофеј во финалето.

Најефикасен во составот на Еурофарм Пелистер беше Јосип Божиќ Павлетиќ со шест гола кои ги постигна уште во првите десетина минути, а четири погодоци постигна Стипе Мандалиниќ. Во тимот на Бутел Скопје најефикасни беа Марко Митев и Мирко Мајиќ со по пет погодоци.

Финалето помеѓу Вардар и Еурофарм Пелистер се игра во недела со почеток во 19:30 часот.