„Еурофарм Пелистер е совршен избор за мене, ќе биде голем предизвик да го ’срушиме’ Вардар“

Македонскиот вицешампион Еурофарм Пелистер за новата сезона покрај Марко Кизиќ го ангажираше и унгарскиот репрезентативен голман Мартон Секељ.

Тој заедно со младиот голман на македонската репрезентација ќе го сочинуваат голманското дуо во Еурофарм Пелистер.

Искусниот голман од Унгарија за „Nemzeti Sport“ зборуваше за новиот клупски предизвик и истакна дека тимот од Битола е совршен избор во неговата кариера.

„Еурофарм Пелистер е совршен избор во мојата кариера, исто така клубот освен во Суперлигата на Македонија ќе се натпреварува и во СЕХА лигата, но и во Лига на Европа. Бев многу изненаден што главниот тренер на екипата, Жељко Бабиќ ме запомнил од еден турнир на кој присуствував со Татабања. Тој ми се јави и ми кажа дека сум му оставил добар впечаток. Јас ги избрав битолчани само врз основа на професионални размислувања. Мојот нов тим има амбици што подолго да остане на европска сцена, како и да ја прекинеме доминацијата и да го ’срушиме’  Вардар. Првот предизвик не чека на 21 август, кога во четвртфиналето од СЕХА лигата ќе играме со белорускиот Мешков Брест. Едвај чекам да започнам со подготовки“, изјави Секељ.

Во својата кариера, Секељ беше член на Малев, ПЛЕР, Балатонфуреди, Чурго, Татабања, Веспрем и Порто. За репрезентацијата на Унгарија има одиграно 49 официјални натпревари на големите натпреварувања.