ЕП 2022: Група Д – Црна Гора со спој на младост и искуство против Шпанија, Германија и Полска

Во текот на вчерашниот ден започна Европското првенство 2022 во женска конкуренција, а денес репрезентацијата на Македонија, како и останатите репрезентации од Ц и Д групата ќе ги одиграат првите натпревари на континенталниот собир.

Домаќин на групата Д ќе биде престолнината на Црна Гора, Подгорица. Натпреварите во главниот град на Црна Гора ќе бидат одиграни во спортски центар „Морача“.

Освен домаќинот Црна Гора, учесници во оваа група ќе бидат Шпанија, Германија и Полска.

ЦРНА ГОРА

Една од репрезентациите кои го има освоено златото на континенталните собири е токму селекцијата на Црна Гора, која на Европското првенство во Србија (2012) успеа да го направи најголемиот успех освојувајќи го првото место. Тоа ѐ и единствениот медал на Црна Гора од Европските првенства. Од ,,златниот тим” кој настапи на ЕП 2012 на овој шампионат ќе настапат искусните Јованка Радичевиќ, Милена Раичевиќ и Марина Рајчиќ. Токму трите ракометарки, од кои едната е голман (Рајчиќ) би можеле да бидат клучните играчи за пласман на црногорската репрезентација во следната фаза. За очекување е екс членката на Вардар, Јованка Радичевиќ да ја предводи листата на стрелци на Црна Гора. За селекцијата на Бојана Поповиќ ова ЕП ќе биде седмо во нивната историја. На претходното ЕП не се прославија многу и завршија на 8. позиција.

ПОЛСКА

Играта на полската репрезентација, како и секогаш, главно ќе се базира на Каролина Кудлач, која сѐ уште игра како во најдобрите денови. Тука ќе бидат и Моника Кобилинска, членка на Брест Бретањ и ракометарката на Крим Мекатор, Александра Росјак. Со само шест интернационалки во својот состав, репрезентацијата на Полска ќе се обиде да ја мина групната фаза и да оствари што подобар пласман. Полска на Европските првенства има учествувано седум пати. Најголемиот успех го оствари во далечната 1998 година кога заврши на петтото место.

ШПАНИЈА

Селекцијата на Шпанија е редовен учесник на континенталните собири од 2002 година. Шпанија во Подгорица допатува без Кармен Мартин и Пена Нереа, но затоа во таборот на „црвената фурија“ се врати искусната Александрина Барбоса. Последниот медал Шпанија на Европските првенства го освои во 2014 година кога заврши на 2. позиција, откако го изгуби финалето од Норвешка. Низ историјата, освен сребрениот медал од Европското првенство во 2014, Шпанија има уште еден сребрен медал од Европското првенство 2008, кое се одржуваше во Македонија. И на тоа ЕП беше поразена од Норвешка. Тоа се двата единствени медали, кои што ги има освоено Шпанија на Европските првенства. Како Шпанија ќе мине на ова Европско првенство најмногу ќе зависи од расположението на голманката Силвија Наваро.

ГЕРМАНИЈА

Репрезентацијата на Германија секогаш на големите натпреварувања играла топло-ладно и има освоено само еден медал. Германија на првото издание на Европското првенство (1994) го освои сребрениот медал и од тогаш само трипати имала шанса повторно да биде меѓу најдобрите три репрезентации, но во 1996, 2006, 2008 беше поразена во натпреварите за трето место. Селекцијата на Германија имаше добри подготовки, ја совлада Унгарија во контролниот натпревар со 31:20, поголемиот дел од репрезентативките играат во Лига на шампионите, па така селекторот Маркус Гаугиш ќе има тим, кој што ќе може да направи солиден пласман на ова ЕП.