ЕП 2020: Натпреварите во Норвешка под закана за откажување

Европското првенство 2020 за жени кое треба да се игра од 3 до 20 декември во Данска и Норвешка се соочува нови проблеми предизвикани од коронавирусот.

Натпревaрите кои треба да се играат во Норвешка се под закана од откажување поради строгите мерки кои важат во земјата. Најголем проблем е тоа што доколку некоја од ракометарките е заразена со вирусот, тогаш целиот тим и последниот ривал ќе мораат да одат во изолација и да бидат исклучени од првенството.

За разлика од Норвешка во втората земја домаќин мерките воведени од здравствените власти не се толку строги. Во Данска само ракометарката која ќе има позитивен тест ќе биде испратена во изолација додека останатите би можеле да продолжат со првенството.

„Свесни сме за ризикот, постојат околности кои треба правилно да ги процениме. Или треба да смислиме нови мерки или да одлучиме дали ќе го организираме нашиот дел од турнирот. Можеби ќе треба да се откажеме од Европското првенство. Постојат неколку сценарија, се обидуваме да го избереме најдоброто“, рече претседателот на норвешката ракометна федерација Кара Геир Лио за sport.tv2.dk.

Норвешката ракометна федерација се обидува да добие дозвола за промена на важечките рестрикции и правила за првенството. Оваа можност ја разгледуваат државните здравствени власти на Норвешка.