Екс член на Вардар го продолжи престојот во Кадетен Шафхаузен

Екс ракометарот на Вардар, Жоан Кањелас, кој во текот на 2021 година направи трансфер од Сегед во Кадетен Шафхаузен, реши да остане во клубот од Швајцарија.

Искусниот шпански репрезентативец и раководството на Кадетен Шафхаузен се договорија на нова соработка, па така поранешниот член на „црвено-црните“ ќе го носи портокаловиот дрес и наредната сезона, 2023/24.

Кањелас истакна дека е задоволен од престојот во швајцарскиот клуб и додаде дека очекува да освојува уште многу трофеи во националното првенство.

,,Можам да кажам дека се чувствувам многу удобно во клубот. Имам многу добар однос со моите соиграчи и тренерот и тоа секогаш ми беше многу важно. Многу уживав играјќи минатата година и мислам дека тоа е многу важно во овој момент од мојата кариера. Исто така, мислам дека можам да продолжам да допринесувам со своето искуство за клубот и за моите соиграчи. Имајќи го тоа на ум, сакам да продолжам да се борам за титули во Швајцарија, каде конкуренцијата е многу подобрена во однос на минатата сезона. Покрај тоа, моето семејство во Шафхаузен е многу среќно. Ни се допаѓа градот, ни се допаѓа Швајцарија и сите инволвирани од клубот направија да се чувствуваме како дома уште од првиот ден. Сè на сè, по една година овде, можам да кажам дека приклучувањето во Кадетен беше вистинскиот потег. Моите лични и спортски очекувања и оние на моето семејство беа исполнети, па дури и надминати”, изјави Кањелас за официјалната страна на Кадетен Шафхаузен.

Во богатата кариера, Кањелас освојуваше титули во Шпанија, Германија и Македонија настапувајќи за Барселона, Сиудад Реал, Атлетико Мадрид, Хамбург, Кил и Вардар.

Со репрезентација на Шпанија двапати го освои златото на Европското првенство во 2018 и 2020 година. Кањелас има и злато од Мундијалот од 2013 година, а за националниот дрес има одиграно 204 натпревари и постигнато над 500 погодоци.