Екс тренер на Вардар го продолжи престојот во Португалија

Поранешниот тренер на Вардар и екс селектор на женската репрезентација на Србија, Љубомир Обрадовиќ одлучи да остане во шампионатот на Португалија.

Искусниот стратег, кој со Зеленортските Острови направи голем успех на Африканското првенство освојувајќи го второто место, со раководството на португалскиот суперлигаш Аванка ја продолжи успешната соработка, која стартуваше минатата сезона.

Од португалскиот клуб официјално објавија дека тренер на екипата останува Обрадовиќ, кој својата тренерска кариера ја започна токму во Португалија. Неговиот прв клуб во кариерата беше Беленсенсес, а со Мадеира освои Куп на Португалија.

Обрадовиќ од 2009 до 2015 година освои осум титули со тимот на Порто. Победи шестпати во првенството и двапати во Супер купот на Португалија. На клупата на Вардар, Обрадовиќ беше во сезоната 2000/01 откако како селектор на младинската репрезентација на тогашна СР Југославија стигна до златниот медал на ЕП во Атина.

Беше предводник и на српските суперлигаши Партизан и Црвена Звезда, а во периодот од 2014 до 2016 година ја извршуваше селекторската функција во машката репрезентација на Црна Гора.

Со Зеленортските Острови обезбеди место на Мундијалот 2023 година, на кој Полска и Шведска ќе бидат домаќините. Избраниците на Обрадовиќ се наоѓаат во групата Ц заедно со Шведска, Бразил и репрезентацијата на Уругвај.