Екс ракометар на Прилеп успешно го „пече“ тренерскиот занает во БиХ

Екс ракометарот на Прилеп, Горан Шаренац, кој во сезона 2015/16 настапуваше во македонскиот шампионат, веќе неколку години е успешен во тренерскиот занает.

Шаренац предвреме ја заврши својата ракометна кариера, имаше две операции на коленото и не сакаше многу да ризикува, но остана во ракометните води и во текот на 2019 година со Дражен Стојановиќ го формираа младинскиот клуб Перихел во Брчко.

Пред да го формира најновиот ракометен клуб во Брчко Дистрикт, со голем успех го предводеше тимот на Локомотива Брчко, со кој стана шампион на Република Српска и успеа да го внесе тимот во најквалитетното натпреварување во БиХ.

Краток период го водеше прволишагот Јединство Брчко, а со формирањето на Перихел во 2019 година, три години е тренер на младински селекции и првиот тим со кој бележи одлични резултати.

Во својата кариера, Шаренац настапуваше и за екипите на Градачац, Слога Добој, Зеница, Хапоел Ашдод, Локомотива и Јединство од Брчко, францускиот Монтелимар, италијанскиот тим Гаета, Линц од Австрија, словенечки Кршко, како и за македонскиот суперлигаш Прилеп.