Екс вардарките најдобри, но Ѓер ја освои Подгорица!

Тимот на Будуќност загуби на домашен терен од европскиот шампион Ѓер со 27-28 во натпревар од 5. коло на главната рунда во Лигата на шампионите. Двете екипи и претходно имаа обезбедено четвртфинале, па исходот многу не им беше важен.

На почетокот се играше гол за гол, но во финишот на полувремето Раичевиќ, Радичевиќ и Лазовиќ го наполнија голот на Лејно за високи плус пет на паузата за Будуќност, 17-12.

Во второто полувреме како одминуваше времето, така гостинките се враќаа во игра. Будуќност имаше водство од 25-20, но тогаш Јауковиќ направи неколку грешки, не погоди ниту Мехмедовиќ и Ѓер направи серија од 1-6, за 26-27 во 57. минута.

Европскиот првак имаше шанса за плус два, но не погоди, па Будуќност израмни преку Радичевиќ. Офтедал на минута и пол до крајот донесе 27-28, а домашните не ја искористија шансата за реми и мечот заврши со победа на Ѓер.

Најдобри стрелци во домашниот тим беа Радичевиќ и Лазовиќ со по шест голови, додека кај Ѓер се истакна Булатовиќ со осум.