Екс вардарецот се враќа во репрезентацијата на Србија

Специјалистот за одбрана и долгогодишен член на Вардар, Илија Абутовиќ во интервју за zurnal.rs потврди дека е подготвен да се врати во репрезентацијата на Србија.

Абутовиќ во Вардар се специјализираше за одбрана, најпрво под водство на Вујовиќ, а главниот напредок го направи кога црвено-црните беа предводени од Шпанците Раул Гонзалес и Давид Дејвис.

„Додека бев во Слован сè уште играв во двата правци, а во Вардар кај Вујо започнав да играм само одбрана. Од него научив доста ракометни финти. Главните работи ги научив од Раул и Давид Дејвис сегашниот тренер на Веспрем. Тоа беше потполно ново размислување и систем, тактика, каде што точно знаев што е мојата задача. Научив да „играм со глава“, рече Абутовиќ.

На селекторската позиција на Србија е уште еден Шпанец, тоа е Тони Херона, а со оглед на одличната соработка со Шпанците Абутовиќ не ја отфрла можноста повторно да го облече националниот дрес на Србија. Доколку добие повик од селекторот тој повторно ќе заигра во синиот дрес. Херона најави дека има намера во неговата репрезентација да ги повика сите квалитетни играчи кои од различни причини беа надвор од екипата. Враќањето веќе го потврди Петар Ненадиќ, па само прашање на време е кога дефанзивецот Абутовиќ повторно ќе заигра за Србија.

„Доколку добијам повик тука сум за репрезентацијата. Во август ќе наполнам 32 години и чувствувам дека можам да помогнам. Надвор од репрезентацијата сум откако добив потрес на мозокот на квалификациски натпревар со Романија, но и највеќе заради приватни причини. Се поклопија некои работи и едноставно не се чувствував добро што беше плус за мојата одлука“, истакна Илија.

Во текот на кариерата Абутовиќ имаше многу проблеми со носот, дури пет пати му беше скршен. После повредата во 2016 година операцијата не помина најдобро и тој имаше проблеми со дишењето. Паузата предизвикана од коронавирусот ја искористи да го среди тој проблем.

„Точно пет пати ми е кршен носот, последен пат во 2016 година кога Карачиќ ме удри со лакт. Но тогаш не ми беше добро наместен, остана малку крив и не можев нормално да дишам. Ја искористив паузата тоа да го средам во Нови Сад. Прв пат во животот дишам на нос, само сега повторно некој да не ме удри“, заврши Абутовиќ.

Илија Абутовиќ во моментов е играч на Рајн Некар каде што пристигна од Вардар во 2018 година. Претходно го носеше црвени-црниот дрес од 2011 до 2018 година и беше дел од освојувањето на првата титула европски шампион на Вардар.