Една од најдобрите светски ракометарки потпиша за Крим

Една од најдобрите ракометарки во светот, Ана Грос, во останатиот дел од оваа сезона ќе настапува за шампионот од Словенија, Крим Меркатор.

Грос на почетокот на месец март ја напушти ЦСКА Москва поради настаните поврзани со војната во Украина. Веднаш по нејзиното заминување од рускиот клуб доби голем број на понуди од моќни клубови, но искусната ракометарка на Словенија одлучи да се врати во својата татковина.

Екипата на Крим со нејзиното ангажирање добива големо засилување за натпреварите од осминафиналето во Лигата на шампионите. Ракометарките на Крим за пласман во четвртфиналето од ЛШ ќе се борат против ФТЦ Будимпешта.

Репрезентативката на Словенија својата кариера ја започна во Олимпија. Една сезона играше во нејзиниот актуелен клуб, Крим Меркатор, додека во останатиот дел од кариерата го носеше дресот на Ѓер, Турингер, Мец и Брест Бретањ.