Еден Скубе го одби ПСЖ, ама „новиот Скубе“ му кажа ДА на Раул

Францускиот шампион ПСЖ на подолго време остана без услугите на легендарниот Никола Карабатиќ, а стратегот Раул Гонзалес ја заврши потрагата по неговата замена. Некогашниот тренер на Вардар, кој на стартот на сезоната има многу проблеми, го одбра организаторот на играта на Тулуз – Лук Стеинс, пишува францускиот „Л’екип“.

Како што го нарекуваат ракометните стручњаци, „новиот Скубе“, во многу елементи од играта потсетува на словенечкиот плејмејкер Сташ Скубе, а во моментов игра за ривалот на Металург во Лигата на Европа. Тој би требало да биде на позајмица до крајот на сезона во ПСЖ, бидејќи има договор со Тулуз до 2022 година.

Стеинс потекнува од тимот на Ситард, потоа го носеше дресот на холандскиот првак Лионс, пред да се пресели во тимот на второлигашот Маси во Франција. Две сезони беше член на Трембле, а лани дојде во составот на Тулуз. Минатата сезона беше еден од најдобрите играчи на Тулуз и постигна 57 голови на 18 натпревари.

Раул сакал да го ангажира средниот бек на ПИК Сегед, Деан Бомбач, но тој веќе играше за унгарскиот клуб во Лигата на шампионите и нема да му биде од корист, додека Стеинс играше во Лигата на Европа, но само во квалификациите, па ќе може да игра за ПСЖ во ЛШ. Во комбинацијата беше и Себастијан Скубе, членот на Силкеборг и брат на Сташ Скубе, но тој на крајот реши да не ја прифати понуда на францускиот клуб.