Европскиот првак Вардар ќе биде Вардар 1961!

Европскиот шампион Вардар во новата сезона ќе настапува со ново име. Во тек е трансформацијата на клубот, кој од 1 јуни ќе се врати кај стариот сопственик Михајло Михајловски.

Тој во изјава за Телма потврди дека името на новиот субјект ќе биде Вардар 1961 и ги потврди ангажманите на новите засилувања.

„Во фаза сме на преземање на клубот од Самсоненко. Кога тоа ќе се заврши, ќе пристапиме кон регистрирање на новиот субјект, кој ќе се вика Вардар 1961. Целта на идното раководство е да се изгради екипа која ќе има за цел четвртфинале на Лигата на шампионите, Ф4 во СЕХА лигата и двојна круна на домашна сцена. Голманското трио ќе го сочинуваат Кизиќ, Ристовски и Кантегрел. Се работи за одличен голман, кој имаше повици и во репрезентацијата. Потпишавме со Јагуриновски, а наскоро ќе знаеме и повеќе детали околу останатите засилувања“, изјави Михајловски.

Вардар во новата сезона ќе биде дел од Лигата на шампионите и од регионалната СЕХА лига.