Душебаев: Кога главата сака, а нозете не слушаат…

Ракометарите на Келце имаа вистински маратонски и исцрпувачки месец, во последните 30 дена тие одиграа дванаесет натпревари во сите конкуренции. После последната средба со Горњик тренерот Талан Душебаев не криеше дека неговите играчи се многу уморни.

Претстојната ЕХФ недела добро ќе им дојде на ракометарите на полскиот тим, иако поголемиот дел настапуваат за своите репрзентации некои се очекува да добијат поштеда од селекторите. За handballnews.pl, Душебаев раскажа како се справува со заморот на неговиот тим.

„Во последните 30 дена одиграме 12 натпревари, не разбирам од каде имаат енергија момците и од каде им е силата да победат девет пати. Тешко беше да се вратиме на победите. Момците заслужија мала промена, и добро е што ќе одат со репрезентациите. Не се жалам, но момците веќе немаат сила. Секој ден ги мотивирам и убедувам. Можам да кажам многу работи, но кога тие сакаат здравјето не дозволува. Кога главата сака, а нозете не слушаат…можам само да им се заблагодарам на момците за победите што ги остваруваме. Со вакво темпо на натпревари, можеби ќе треба да им дадеме доза допинг како на коњи на ракометарите за да можат да ги издржат натпреварите“, рече Душебаев.

По ЕХФ неделата на Келце му претстои дуел со Висла Плоцк во Купот на Полска, а потоа следува дуелот со Нант во Лигата на шампионите и натпреварите од Првата лига на Полска. Маратонскиот распоред за Келце ќе заврши кон средината на април.