Драчево без пораз оди во плеј-оф, ниту Борец не беше пречка

Ракометарите на Драчево без пораз, со шест победи и едно реми, го завршија регуларниот дел од Првата лига и се пласираа во разигрувањето за бараж за Суперлигата.

Избраниците на Велимир Настески во последното коло славеа над составот на Борец со убедливи 34-27, иако уште од претходно беа сигурни за место во плеј-офот.

Драчево отвори одлично, поведе со 4-0, до крајот на полувремето стигна до плус девет, 18-9, а вториот дел, во кој велешани не можеа да парираат, беше само формалност.

Најдобри стрелци кај победничкиот тим беа Иван Ангелов со шест, како и Едис Јаховиќ и Бобан Андовски со по пет погодоци, додека кај Борец се истакна Кирил Миленков со десет голови.