ДРАМА покрај езерото – шок за Вардар, Стружанка ја слави Митоска!

Ракометарките на Стружанка одиграа одличен натпревар против Вардар во рамките од последното коло од регуларниот дел од Женската лига и прославија голема победа од 25:24. За екипата на Вардар денешниот пораз е прв во оваа сезона.

Домашната екипа на Владимир Паноски на овој натпревар настапи со само 11 ракометарки на терен, но тоа не претставуваше никаков проблем за неговите избранички рамо до рамо да се носат со вардаровиот тим.

Одмерување на силите имаше во текот на сите 60 минути игра. Вардар добро го отвори натпреварот, имаше водство од 4:1, а подоцна и од 10:6. Стружанка при крајот на првото полувреме направи добра серија и успеа да се врати во игра. Избраничките на Драгана Ристова на полувреме заминаа со минимална предност од 12:10.

Второто полувреме донесе неизвесност и голема драма во завршните минути. Падот во играта кај вардарки и големата мотивација на домашниот тим беа причина за резултатска неизвесност, пресврти, црвен картон…Иако, Вардар имаше водство и од три гола разлика во вториот дел, ракометарките на Стружанка преку расположените Делиоска и Затуроска секогаш наоѓаа начин да направат камбек.

На десетина минути пред крајот се случи вистински пресврт. При водство на Вардар од 22:20, Стружанка направи одлична серија од 4:0 и стигна до плус два, 24:22. Вардар мораше завршниот дел да го одигра без Бојана Коцева, која поради три исклучувања заработи црвен картон во 50. минута. Во последната секунда беше досуден пенал за Вардар, а на линијата од седум метри застана Ивона Трпевска. Голманката на Стружанка, Марина Митоска беше присебна во целата ситуација, успеа да го одбрани ударот на Трпевска, со што не дозволи поделба на бодовите од овој дуел.

Најефикасни во Стружанка беа Магдалена Делиоска со девет и Ивана Затуроска со седум погодоци. Во составот на Вардар, Сара Миновска ги предводеше стрелците со пет погодоци. Двете екипи веќе имаат обезбедено место во плеј-оф натпреварувањето.