ДРАМА во Кавадарци: Вардар со херојски пресврт ги реши битолчани и го грабна трофејот во Купот!

Ракометарите на Вардар се старо-нови освојувачи на трофејот во Купот на Македонија, откако во драматичен натпревар го совладаа составот на Еурофарм Пелистер со 23-22, иако во поголем дел од мечот беа во негатива.

Во првите десетина минути се играше гол за гол, до 4-4, пред Вардар да поведе со два гола, 6-4 преку Талески и Георгиевски. Двете навивачки групи беа присутни во салата, некои шишиња завршија на терен, па имаше прекин од неколку минути.

Радовиќ и Тото исто така си кажаа по неколку збора, па мораа по две минути надвор од терен. Мандалиниќ го промаши пеналот, а Талески донесе првпат плус три, 7-4. Битолчани промашија уште еднаш, а Вардар казни и веќе беше 8-4 во 17 минута.

Имаа момците на Давид Дејвис и шанса за плус пет, но не беше реализирана. Битолчани го возвратија ударот и ги казнија сите „црвено-црни“ грешки за 8-8 по голот од контранапад на Маџовски.

Вардар никако не знаеше да го пронајде патот до мрежата на Секељ, кој редеше одбрани, а неговите соиграчи погдуваа во нападот и на пауза Еурофарм Пелистер води со 8-12. Паузата меѓу двете полувремиња траеше подолго од вообичаено поради прекинот што го предизвикаа навивачките групи со фрлањето предмети на теренот.

На стартот на вториот дел веќе беше 9-14, а битолчани лесно ја одржуваа разликата. Беше 11-16, пред Вардар да врзат два гола во серија и по 40 минути игра беше 13-16. Граџан врати плус четири за Еурофарм Пелистер 13-17, а по грешката на вардарци, повторно беа во негатива од пет гола, 13-18.

Секељ запре пенал на Ѓукиќ, но одбиената топка се одби до вардарецот и погоди за 15-19. Беше и 16-20, битолчани имаа напад, се обидоа да завршат со цепелин, но Томовски беше поуспешен во дуелот со Божиќ Павлетиќ. Еурофарм Пелистер промаши два напади во серија, а Вардар ги казни, намали на 18-20 и најави возбудувања во финишот.

Дибиров можеше да донесе минус еден, но Секељ му го одбрани ударот. Тоа се случи на пет минути до крајот кога реализирааа вардарци за 20-21. Обрадовиќ набрзина врати и Еурофарм Пелистер водеше со 20-22. „Црвено-црните“ згрешија, но истото се случи и на спротивната страна.

Капитенот Стоилов стрелаше за 21-22, а Дибиров ја казни грешката на битолчани и мораше се да почне од нула на три минути до крајот, 22-22. Бабиќ бараше тајм-аут, но неговите играчи не погодија, односно Томовски одбрани и Вардар тргна во напад за водство.

Секељ му одбрани на Њокас и на стартот на последната минута, но и битолчани згрешија на дваесетина секунди до крајот. По тајм-аутот на Дејвис, Талески го упати последниот шут, погоди и почна славјето на Вардар.

Најдобар стрелец во победничкиот состав беше Филип Талески со шест гола, а Дарко Ѓукиќ даде пет. Во Еурофарм Пелистер се истакнаа Граџан и Периќ со по пет погодоци.