Драма во Будимпешта, Ѓер после десет години загуби полуфинале

Екипата на Брест Бретањ е првиот финалист на фајнл-фор турнирот во Будимпешта откако го совлада бранителот на титулта, Ѓер по изведување на пенали со 27:25. Регуларниот дел заврши нерешено, 20:20, нерешено беше и по продолженијата од по пет минути, 23:23, а во пенал битката, Ѓер промаши двапати, што значеше и радост за ракометарките од Бретањ.

Ова беше првпат после цели десет години тимот на Ѓер да загуби полуфинале во Лигата на шампионите. Последен пат тоа се случи во сезоната 2010/11, а потоа имаше шест титули и две втори места. Ѓер не играше на Ф4 само во 2015 година, додека минатата година Ф4 не се одржа.

Ракометарките на тимот од Франција беа подобри во првото полувреме и имаа целосна контрола на резултатот. Ѓер беше рамноправен само во првите пет минути при водство од 4:3. До крајот на првиот дел, Грос и Поп Лазиќ беа незапирливи и нивната ефикасна игра беше и одраз на самиот резултат. По 30 минути игра, Брест Бретањ замина на полувреме со водство од три разлика, 11:8.

Ѓер на момент намали на 11:12 во вториот дел, но Брест Бретањ преку одличната голманка, Клеопатра Дарле дојде во ситуација да обезбеди и повисока предност. Иако ракометарките на тимот од Франција имаа 15:11 во 35. минута, Ѓер се врати во игра и го израмни резултатот на 15:15. Во 46. минута дојде целосен пресврт бидејќи Ѓер преку Гербиц обезбеди плус еден, 16:15.

Брест Бретањ цели 14. минути не можеше да постигне гол, а Ѓер ги искористи нивните грешки и за првпат во вториот дел се одлепи на два разлика, 17:15. До крајот и двете екипи пропуштија шанси за ставање точка на неизвесната борба, а крајниот епилог по 60 минути беше нерешен, 20:20. Тоа значеше и продолжение на неизвесната драма во Ѓер.

И во двете продолженија од по пет минути не се смени ништо. За десет минути двете екипи постигнаа три гола, а тоа значеше 23:23 и одлучување на победникот преку седмерци.

Во пенал продолженијата, Брест Бретањ беше повеќе фокусиран. Успешни во пенал реализацијата беа Тоубланк, Никате, Јауковиќ, а точка стави Швеѓанката, Изабел Гулден. Ѓер имаше промашени два удари и мораше да се задоволи со резултатот бидејќи утре ќе игра за утешното трето место.

Најефикасна во победничкиот тим беше Ана Грос со девет гола, додека Криситјансен беше прв стрелец во Ѓер со осум погодоци.