Драма во Автокоманда – Кирова херој на Шампион, не му дозволи на Астибо да победи (ВИДЕО)

На првиот одигран натпревар од плеј-аут фазата од Женската лига меѓу екипите на Шампион и Астибо немаше победник, откако неизвесниот дуел заврши со нерешен резултат, 20:20.

Гостинките од Штип во најголемиот дел од натпреварот беа во водство, водеа со 3:1 во воведните пет минути, потоа одржува резултатска предност, но не поголема од два гола разлика и на полувреме заминаа со активен резултат од 9:6.

Избраничките на Величков второто полувреме го стартуваа фуриозно и успеаја да направат исчекор, се одлепија на 13:9. По одличниот почеток на гостите, домашниот табор кон средината на првото полувреме направи камбек.

По водството на Астибо од 14:10, домашниот тим со серија од 4:0 го израмни резултатот на 14:14. До крајот се играше гол за гол и секој напад беше одлучувачки. Гостинот од Штип некако успеваше да има ,,плус два”, но ракометарките на Шампион го израмнуваа резултатот при секој обид на гостинките да направат поголема позитива.

Астибо водеше со 20:18 во 26 минута и никако не можеше да ја обезбеди посакуваната победа. Шампион намали на 20:19, гостинот не реализираше неколку напади и на речиси дваесетина секунди пред крајот Сара Трајков од пенал изрмани на 20:20.

За ракометарките на Астибо останаа уште 10 до 15 секунди, во кои Анчева и Јованова не успеаја да ја совладаат голманката Ема Кирова, која беше целосно фокусирана и со двете клучни одбрани во последните секунди му донесе гол бод на својот тим.

Најефикасна на теренот беше ракометарката од Астибо, Марија Анчева со десет погодоци. Кај Шампион се истакнаа Сара Трајков со шест и Марија Кочкова и Анастасија Митова со по пет реализации.