Драмата во Охрид за кавадарчани: Тиквеш преку пенали го освои трофејот на „Крсте Андоновски – Усташ“

Tимот на Тиквеш од Кавадарци е првиот освојувач на меморијалниот турнир „Крсте Андоновски – Усташ“, откако во финалниот натпревар славеше против Партизан од Белград со 33-32, но дури по изведувањето на седмерците. Во регуларниот дел мечот заврши 29-29, а српскиот тим имаше дури осум гола предност во текот на мечот, но попушти во финишот и гостите успеаја да се вратат во игра.

Кавадарчани помогнати од голманот Јагош Брауновиќ отворија одлично и поведоа со 4-2, но следуваше комплетен пресврт и српскиот тим поведе со 5-4. Лошата серија во нападот на Тиквеш продолжи и понатаму, па Партизан се одлепи на 8-5.

Ниту минутата одмор не им помогна на кавадарчани, па српскиот тим дојде и до плус четири, 9-5. Шанса добија младите Лазов, Шулески, Милков, Димовски…но немаше многу промени на теренот. Голманот Брауновиќ го одржуваше Тиквеш во игра, но во финишот нов пад во играта и со голот на Стефан Петриќ, Партизан стигна до плус шест на паузата, 15-9.

Каде застанаа гостите од Србија, таму и продолжија во второто полувреме. За осум минути игра, успеаја да стигнат и до највисоки плус осум, 21-13. Кавадарчани во продолжение играа без Симиќ, а со Шулески во нападот и искористија неколку грешки на ривалот да ја преполоват негативата.

Тиквеш намали на 21-17, па тренерот на Партизан мораше да бара тајм-аут. Неговите избраници го вратија ритамот од претходно и дадоа два гола во серија за 23-17. Кавадарчани не се откажуваа од борба и преку Коцев стигнаа и до минус два на пет минути до крајот, 26-24. Беше и 28-26 на минута и пол до крајот, а Тиквеш преку Симиќ и Лазов со два брзи гола израмни кога имаше да се играат уште четириесетина секунди.

Партизан преку Мичиќ погоди на 15 секунди до истекот на времето, но српскиот тим направи груб фаул над Петровиќ во последниот напад на Тиквеш и Симиќ од пенал реализираше за 29-29 и мораше да се изведуваат пенали за да се добие победникот на овој натпревар.

Клучна се покажа третата серија од пеналите, кога голманот Марјан Велков му го одбрани шутот на Зечевиќ, а за кавадаречкиот тим погодија Симиќ, Петровиќ, Хамзиќ и Стефановиќ.