Домашниот клупски ракомет се враќа на ТВ екраните!

Следниот петок ќе започне новата сезона во Суперлигата. Протоколот ќе биде „главното правило“ на кое ќе мора сите да се придржуваат за да може се да мине со што помалку проблеми.

Публика нема да има, ниту новинарите нема да имаат пристап во сала, а сите клубови, ракометари и официјални лица ќе мора да се однесуваат одговорно.

Но од РФМ потврдија дека покрај лајв-стримовите од суперлигашките натпревари, многу веројатно по неколку години пауза, домашниот клупски ракомет да се врати на ТВ екраните.

„Протоколот е комплетно дефиниран. Секој вторник клубовите ќе треба да ги дадат информациите за двете кола што следуваат. Секоја среда мобилни екипи од ‘8 Септември’ ќе се тестираат клубовите и официјалните лица од другите градови, додека во четврток ќе се тестираат екипите и службените лица од Скопје. Петок и понеделник ќе се играат натпреварите. Доколку сите сме одговорни и внимателни и го следиме протоколот, иако сум свесен дека тоа ќе биде тешко некогаш, сепак верувам дека машката Супер лига ќе може да ја завршиме без проблем. Распоредот за Првата машка лига, која треба да стартува на 25 септември, како и за жените, кои треба да почнат на 18 септември го имаме подготвено, но се уште не е доставен. Во овие лиги голем дел од играчите се младинци и чекаме да видиме каква ќе биде ситуацијата со училиштата, дали ќе има физичко присуство или ќе се учи он-лајн, пред се да биде дефинирано“, објаснува првиот човек на Лигите, Славе Николов и додава:

„Во сала нема да има публика, мислам дека нема да биде дозволено ниту присуство на новинари. Затоа РФМ е во финални преговори покрај лајв стримот на официјалната страна да се врши и ТВ пренос на натпреварите. Еден до два натпревари од Суперлигата, Првата лига и Женската лига, во зависност од интересот и техничките можности на куќата. Веќе се обезбедени и термини за првите две кола, но се чека само официјалниот потпис.“

Натпреварите од Суперлигата стартуваат на 11 септември, една седмица подоцна ќе почне и Женската лига, додека на 25 септември ќе започнат и натпреварите од Првата лига.

СЛАВЕ НИКОЛОВ: Сè е подготвено за старт! РФМ има и план А, и Б, и Ц, за да се игра ракомет