„Долгот на Металург е 90.000 евра, Јорданов даде пари кога најмногу требаше“

Вкупниот долг на Металург изнесува 90.000 евра, а тимот од Автокоманда во следниот период ќе бара решение за да не биде исфрлен од Суперлигата.

Претседателката Зорица Блажевска вели дека нема да се откаже од борбата и дека сите ќе ги добијат своите побарувања.

„Ќе најдам начин, нема да се откажам, ќе ги сервисирам новите побарување. Од следната недела ќе најдам решение, се надевам дека ќе имам разбирање од РФМ и ЕХФ, како и двајцата Шпенде и Кастратовиќ кои ги чекаат парите“, вели Блажевска.

Првиот човек на клубот Минчо Јорданов е позадината на клубот. На прашањето дали тој помага, Блажевска рече дека со почетокот на ковид-ситуацијата за сите станало тешко.

„Јорданов даде пари кога требаше најмногу, не може да се оспори неговата поддршка. Можеби се ќе беше поинаку доколку ковид-ситуацијата не се случеше. Спортот се стави во втор план, сите гледаат да ги спасат своите бизниси, за жал. Не се откажа од клубот, во моментот е ситуацијата е така, тешко е кај сите. Се обративме до градоначалникот на Гази Баба, но таму треба да дојде до прераспределба на пари за спорт. И тие пари може да се очекуваат во следниот период. Металург како клуб никогаш не бил потпомогнат од локалната власт и ова е првпат да добиеме помош“.

Покрај Шпенде и Кастратовиќ, уште еден што треба да добие заостанати плати е српското лево крило Вања Илиќ.

„Вања Илиќ треба да земе многу повеќе пари и чека многу повеќе време од Шпенде и Кастратовиќ. Атман и Вугринец чекаа многу за прва исплата“.

Актуелниот ростер на клубот ќе остане и во пролетниот дел од сезоната да ги брани боите на клубот.

„Сите играчи кои се во клубот се едногласни дека остануваат и одиме понатаму. Доколку одлуката биде да се преселиме во Прва лига тогаш ќе продолжиме да туркаме заедно. Сите одиме заедно во новата сезона. Тука мислам на Велко Маркоски, Костадин Петров, Даниел Дупјачанец. Оставам простор за дел од помладите“.

Блажевска: Не сакам да размислувам на црно сценарио, Металург нема да згасне