Додека го чекаме „резервниот билет“ за СП: Македонија ќе игра два меча со Египет во Скопје

Мaшката репрезентација на Македонија немаше шанса да се бори на терен за место на Мундијалот во Египет, а не ја доби ниту посакуваната вајлд-карта. Сепак можеби ќе има „трета среќа“ за избраниците на Данило Брестовац да се најдат на Светското првенство и да го продолжа континуитетот на настапи што трае од 2012 година.

Нашата селекција е прва резерва ако некоја од репрезентациите што веќе има место на СП се откаже поради корона причини, па ќе се подготвуваме како да имаме обезбедено пласман. Селекторот Брестовац ќе ги собере дел од момците на 24 декември во Скопје во „балон“ и ќе има мини подготовки од три дена пред двата пријателски натпревари со домаќинот на Мундијалот, Египет, кој ќе допатува во нашата земја.

„На 27 и 29 декември во Скопје ќе се играат две пријателски натпревари во Скопје против Египет. Се собираме на 24 декември, а на тој собир ќе бидат ракометари од домашно првенство, што ќе биде тест за нив дали може да бидат дел од националниот тим понатаму. Евентуално би можеле да дојдат еден или двајца интернационалци чии првенства ќе завршат порано. Списокот е веќе готов. Поширокиот список од 35 ракометари е испратен во ИХФ, а и скратениот за првите мини подготовки ќе биде објавен деновиве од страна на РФМ“, вели Брестовац за 24Ракомет.

ИХФ добил позитивен одговор дека сите селекции што имаат обезбедено место на СП ќе дојдат во Египет, но работите се менуваат од ден на ден, особено што пандемијата со коронавирус се уште е актуелна насекаде во светот.

„Во зависност од тоа дали ќе одиме на Светското првенство, ќе се собереме и после Нова Година и ќе работиме, планот е нов собир на 3 или 4 јануари, но тоа останува да видиме најпрво како ќе се развиваат работите и дали некоја од земјите учесници на Мундијалот ќе се откаже. Се очекува до крајот на оваа година да бидеме известени дали сите репрезентации што имаат обезбедено пласман на СП ќе играат во Египет“, завршува Брестовац.

За првпат ова Светско првенство ќе се игра со 32 селекции поделени во осум групи и Египет ќе биде на вистински тест околу организација особено во корона-услови. Дел од најголемите ѕвезди веќе го откажуваат своето учество на турнирот, но Македонија доколку ја добие шансата сигурно ќе патува во африканската земја.

По СП 1999, по 22 години повторно ќе има Мундијал во Египет, а Кире Лазаров би можел да стане единствениот ракометар што играл и на тоа и на ова СП.

Мундијалот во Египет ќе се игра во четири града – Кaиро, Александрија, 6ти Октомври и Бурж ел Араб, а треба да започне од 13 јануари со дуелот на домаќинот и Чиле. Сите други дуели од првото коло ќе се играат на 14 јануари, а завршните битки се планирани за 27, 29 и 31 јануари.

Македонија е прва резерва за СП во Египет!

Извлечени групите за СП: Египет со Парондо против Чешка и Шведска, Русија против Белорусија