Дибиров: Играв со неверојатни голмани како Штербик, Милосављев и Милиќ – тие се најдобри за мене!

Левото крило на Вардар, Тимур Дибиров, заедно со капитенот Стојанче Стоилов, е еден од играчите со најдолг стаж во актуелниот ростер на „црвено-црниот“ тим.

Тој во интервју за „7 метри“, најави дека Вардар му помогнал во остварувањето на сонот, но дека се уште сонува и за медал со репрезентацијата на Русија.

„Навистина сакам да освојам медал со Русија, но тоа се уште не се случило. 14 години работиме на тоа и се надевам дека наскоро ќе успееме“, вели Дибиров.

Левото крило вели дека играл со сите најдобри голмани досега.

„Играв со неверојатни голмани како Штербик, Милосављев и Милиќ, тие секогаш ќе бидат најдобри за мене. Секако, од друга страна има исто така одлични чувари на мрежата како Ландин и Гонзало Перез де Варгас“, завршува Дибиров.

Неговиот договор со Вардар истекува на 30 јуни и се уште нема информација дали ќе биде продолжен.