Дибиров доби нова улога во Загреб (ФОТО)

Ракометарите на Загреб откако ја забележаа првата победа во Лигата на шампионите во новата натпреварувачка сезона, се вратија на обврските во домашниот шампионат и во натпревар од 4. коло од шампионатот на Хрватска лесно го совладаа составот на Бјеловар со 12 гола разлика, 37:25.

Загреб во натпреварот против Бјеловар настапи без поголемиот број на стандардни играчи, па така шанса за докажување имаа ракометарите со помала минутажа, а најмногу се истакна 21-годишниот Пауло Краљевиќ, кој во вторите 30 минути постигна девет гола.

Сепак, на натпреварот најголемо внимание привлече екс ракометарот на Вардар, левото крило Тимур Дибиров. Русинот влезе во игра во последните десет минути од дуелот и наместо на својата позиција играше како организатор на играта на „плинарите“, односно како среден бек и одлично се снајде на теренот.

Дибиров натпреварот го заврши со неколку асистенции, главно кон кружниот напаѓач, со што покажа дека може да игра и како среден бек на следните натпревари од домашниот шампионат.

Фото: rtl.hr