Дибиров: Го сакам Вардар, го сакам Скопје…среќен сум што останувам!

Рускиот репрезентативец Тимур Дибиров го продолжи договорот со Вардар и ќе остане во „црвено-црниот“ и наредната година.

Летечкото лево крило по којзнае кој пат повтори дека ужива во Скопје играјќи за европскиот шампион.

„Јас продолжувам во Вардар. Го сакам овој клуб, го сакам овој град, и среќен сум што ќе играм овде и понатаму“, вели Дибиров.

Русинот откри дека имало контакти со Мешков Брест, но таму има двајца играчи под договор на левата крилна позиција.

„Секогаш имам контакт со раководните луѓе на овој клуб, секогаш си посакуваме најдобро едни на други. Но сега ситуацијата во Мешков не подразбира промени на лево крило, екипата располага со одлични играчи што имаат договори. Во исто време, и јас имам договор со Вардар“, вели Дибиров.

Покрај него, договорите ги продолжија Стојанче Стоилов и Кристијан Дисингер, а денеска се очекува разврска и за Глеб Калараш.