Дибиров: Вардар ми ги исполни соништата, мора да бидам со него во овие тешки времиња!

Еден од ракометарите со најдолг стаж во редовите на Вардар покрај капитенот Стојанче Стоилов е левото крило Тимур Дибиров.

Две титули во Лигата на шампионите, четири во СЕХА лигата, пет титули во македонската Суперлига, стотици постигнати голови за Чеховски Медведи и Вардар, како и за националниот тим, го прават Дибиров еден од најдобрите ракометари во светот.

Во интервју за „7 Метри“, Дибиров откри како почнал да се занимава со ракомет.

„Во местото каде што живеев немаше други спортски екипи, освен ракометна, па како и многу деца, така и јас почнав да тренирам ракомет“, вели Дибиров.

Русинот дебитираше во ЛШ пред 16 години.

„Тоа е незаборавно, беше во 2004 година, кога дебитирав на дуелот меѓу Чеховски Медведи и Горење Велење, а постигнав еден гол. Тогаш за Горење играа Момир Илиќ и Вид Кавтичник“, продолжува Дибиров.

Левото крило вели дека Вардар му помогнал во остварувањето на сонот.

„Мојата животна цел беше да ја освојам титулата во Лигата на шампионите, иако знаев дека тоа не е лесно. Клубовите што играат таму се посилни од националните селекции и се игра на високо ниво. Не можев да поверувам дека мојот сон стана реалност, но само јас знам колку труд, трпение и емоции вложив за да стигнам до врвот. Тешка е ситуацијата сега, но Вардар ми помогна мојот сон да стане реалност и јас сум многу благодарен за сите моменти минати тука. После се што поминавме, јас морав да останам и да му помогнам на клубот во тешките моменти“, заврши Дибиров.

Неговиот договор со клубот истекува на 30 јуни и се уште не е јасно дали левото крило ќе ја продолжи верноста.