Деспина со триумф се враќа од Гевгелија

Екипата на Деспина во натпревар од 10. коло од Женската лига беше убедлива против Гевгелија со 30:18. Со триумфот над Гевгелија, прилепчанки го задржаа третото место во Групата А.

Избраничките на Страшо Илиески веќе во воведниот дел од натпреварот покажаа дека се подобар противник од домаќинот. Прилепчанки имаа водство од 6:1 и до самиот крај на првото полувреме од минута во минута ја зголемуваа својата разлика. Гевгелија првиот гол го постигна по седум минути игра преку Митрова. Домашната екипа немаше одговор за расположените ракометарки од Деспина кои ја казнуваа секоја грешка. Деспина на полувреме замина со висока предност од 17:9.

По осум минути игра во вториот дел, екипата на Деспина повторно ја врати предноста од осум разлика, 18:10. До крајот на натпреварот немаше поголема промена на теренот. Поради три исклучувања, Евгенија Цаневска од редовите на гостинската екипа заработи црвен картон во 46. минута и мораше да се пресели на трибините. Деспина во последните дваесетина минути уште повеќе го покажа својот квалитет и успеа да си замине од Гевгелија со висока победа од плус 12 разлика, 30:18.

Најефикасна во победничката екипа беше Ангела Камческа со осум погодоци. Во таборот на Гевгелија, искусните Драгица Митрова и Бети Петковска постигнаа по седум погодоци.