Дербито кај дамите заврши без победник

Екипите на Вардар и Металург одиграа без победник 25:25 во натпревар од првото коло од плеј-оф фазата во Женската лига. Иако Металург на полувреме имаше четири гола предност, сепак, ракометарките на Вардар се вратија во второто полувреме и се изборија за голем бод.

Текот на првиот дел, во кој домаќинот беше рамноправен противник до 5 минута, даде до знаење дека гостинот од Автокоманда ќе има лесна задача во првите 30 минути. По израмнетиот почеток, избраничките на Јулијана Дамчевска кон средината на првиот дел започнаа сериозно да се одлепуваат.

По нерешените 5:5, гостинските со два гола во низа поведоа со 7:5, потоа имаа 9:6, додека во финишот од првото полувреме целосно го надиграа домаќинот и на моменти водеа со четири до пет гола разлика. Вардар влезе во криза, немаше расположени ракометарки за игра, па така тимот на Металург предводен од Младеновска, Гугуљанова и Арсениевска, на полувреме замина со резултатска предност од 16:12.

Вториот дел донесе неизвесна борба, бидејќи домаќинот успеа да се врати во игра. При водство на Металург од 18:14 ,,црвено-црниот” табор намали на 18:16, а во 45 минута го израмни резултатот на 19:19. Од тој момент двете екипи стартуваа од нула и само нијанси одлучуваа каков ќе биде епилогот од денешното дерби.

Во последните 15 минути се играше гол за гол и беше сосема јасно дека може да одлучи само еден шут. Металург не успеа да замине на посериозна предност и најчесто водеше со еден гол разлика. Откако беше 25:24 за тимот на Металург, во последната минута Бојана Диневска беше ефикасна и изрмани на 25:25. Гостинот не успеа да реализира во последниот напад за победа, така што мораше да се задоволи само со бод.

Најефикасна во редовите на Вардар беше Ивона Трпевска со осум погодоци. Кај Металург Ива Младеновска исто така постигна осум погодоци, додека седум додаде Марија Гугуљанова, а шест реализации имаше Ивана Арсениевска.